

































































































На покана на Призма – менаџерката на проектот Архиви на невидливите 3.0 и уредничка на третиот зборник научни текстови во рамки на овој тригодишен проект – Јана Коцевска, говореше за многу аспекти поврзани со овој проект. Од идејата за воспоставување на ваква иницијатива заедно со историчарката Ивана Хаџиевска во 2021 година, потоа истражувачкиот процес, комуникацијата и соработката со институциите, Коцевска сподели и детали за состојбата со историографијата и женските наративи во Македонија, како и значењето на новите пристапи во истражувањето на историјата вклучувајќи нови интердисциплинарни методи во работата.
Автор на објавата е новинарката Јасмина Јакимова, којашто воедно го водеше и интервјуто со истражувачката Јана Коцевска. Објавено на Призма на 26 декември 2024.

Со задоволство Ве покануваме на отворањето на самостојната изложба на уметницата Христина Иваноска, со наслов „Џинови и снегулки“, на 24 декември (вторник) во 19 часот, во Музејот на Северна Македонија. Оваа изложба е дел од проектот „Архиви на невидливите 3.0“, поддржан од Фондацијата Хајнрих Бел и Министерството за култура на Северна Македонија. Изложбата е реализирана како соработка помеѓу Центарот за истражување на национализмот и културата и Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“, со што истата ќе е дел од дванаесеттото издание на фестивалот, чии поддржувачи се Sigrid Rausing Trust и Equality Fund.
Насловот на изложбата „Џинови и снегулки“, реферира на истоимената поема од книгата поезија „Егејска барутна бајка“ на писателот Славко Јаневски, која е објавена во 64-тиот број на „Македонка“ од 1950 година.
Славчо Димитров, кој ѝ беше соговорник на Иваноска низ процесот на создавањето на оваа изложба, а воедно, е и автор на текстот за изложбата, вели:
„Ако пишувам за уметничката пракса на Христина Иваноска, пишувам затоа што таа секогаш се испречува пред мене и ме заведува со мешавина на чувства помеѓу нелагодност и љубопитност. Неудобност и тешкотија кои ја одржуваат дистанцата кон нејзините дела, како нужна за да го одложи или оневозможи нивното врамување во веќе постојните рамки на практична, целисходна и афективна навика на препознавањето, додека истовремено го поместуваат моето тело принудувајќи ме да ги изместам и приспособам моите перцептивни, идејни, чувствени схеми и параметри на разбирање привлечен од силата на лудата љубопитност, зачуденост и восхит од ветувањето кое го нуди другоста, новото, или ексцесивната непознатост на хоризонтот што го отвораат нејзините дела. Оваа нелагодност и сетилна/интерпретативна неволја во којашто ме навлекува и афективно наштимува и оваа најнова изложба на Иваноска, произлегува од соочувањето со ужасно познати и препознатливи материјали, како што се текстот, писмото, знаците, буквите, текстилот, везот, сликите, фустанот, традиционалните историски референци, женските работни пракси, цветовите итн. од една страна, и нивното отворање, дуплирање, преклопување, отсекување, нелинеарност, контекстуално изместување, деконструирање, естетско трансформирање, историски критичко прераскажување или фабулирање, и темпорално и семантичко наслојување/расејување, од друга страна.
Како богохулна верничка и непослушна ќерка, Иваноска знае дека соочувањето со сегашноста и замислувањето на поинаква иднина е невозможно преку репродукција на изабените, истрошените, неподносливо досадни и истрајно насилни големи историски маскулинистички наративи за џиновите на нацијата. Потребен ни е поглед наназад кон „сѐ уште неосвестените“ капацитети и нереализирани ветувања и алтернативни имагинации на ефемерните и кревки ко снегулки траги на женската историја, со пристап обележан и со иронија свесна за „противречности кои не се разрешуваат во поголеми целини, дури ни дијалектички, за напнатоста на држењето на некомпатибилните нешта заедно, бидејќи и двете или сите се неопходни и вистинити“, бидејќи иронијата вклучува и „хумор и сериозна игра“ .“
Биографија:
Христина Иваноска (1974), преку својата уметничко-истражувачка практика, се фокусира на прашањата за потиснување, контрола и конструирање на колективната меморија во однос на стратегиите и политиката на отпор на жените. Таа создава објекти, текстови, цртежи, видеа, перформанси и инсталации, честопати работејќи интердисциплинарно, и критички го истражува искуството на денешните социјални и политички системи и нивната врска со теоријата и историјата. Иваноска им дава важност на рачната работа, како што се везот, ткаењето, грнчарството и пачворк-техниката, како медиуми на политичка и социјална вредност преку кои е изразена индивидуална борба и ограничувањата. Нејзините дела биле изложени во многубројни значајни институции и независни простори во земјава и во странство. Во моментов, Иваноска е докторски кандидат на Академијата за ликовна уметност во Виена. Заедно со Јане Чаловски, во 2024 година, се основачи на платформата за уметничко истражување и кураторски практики „Проектен простор Прес ту егзит“ во Скопје.



































































































Поттикнати од 80-годишнината од формирањето на масовната женска организација АФЖ во Македонија (14-15.12.1944), Центарот за истражување на национализмот и културата, ЦИНИК на 14 и 15 декември организира два настани за да го одбележи овој значаен јубилеј.
• 14.12 • Музеј на Северна Македонија • 19 ч.
Промоција на зборник на научни трудови со наслов „Македонка – Орган на АФЖ (1944-1952), артикулации на сеќавања и критички прикази“
• 15.12 • Музеј на Северна Македонија • 13 ч.
Тркалезна маса на тема: „АФЖ: Недовршена револуција – сеќавање на минатото, замислување на иднината“
Продолжувајќи ја практиката на истражување на социјалистичкото минато на републиката, враќајки го во истражувачкиот фокус првото женско списание пишувано на македонски јазик – „Македонка“, ЦИНИК повторно работеше на проектот Архиви на невидливите 3.0, низ којшто се продуцираше зборник научни текстови со наслов „Македонка – Орган на АФЖ (1944-1952), артикулации на сеќавања и критички прикази“.
Промоцијата на овој зборник ќе се случува во Музејот на Македонија на 14 декември со почеток од 19 часот. Автори на научните текстови се: Ана Колариќ (вонредна професорка на Катедрата за компаративна книжевност и теорија на книжевноста, Филолошки факултет на Универзитетот во Белград), Петар Тодоров (историчар, доктор на науки при Институтот за национална историја во Скопје), Ана Ашталковска Гајтаноска (редовна професорка на Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет, на УКИМ), Славчо Димитров (истражувач, теоретичар, активист и куратор на Скопскиот Викедн на гордоста), Христина Иваноска (уметница) и Елени Новаковска (библиотекарка-советничка во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ -Скопје). Уредничка на публикацијата е Јана Коцевска. Промоторка на зборникот е Ана Василева.
Програмата продолжува следниот ден на 15 декември од 13 часот, повторно во Музејот на Северна Македонија каде што програмскиот одбор сочинет од Ивана Хаџиевска, Андријана Папиќ Манчева и Јана Коцевска конципира две тематски насоки за тркалезна маса на тема: „АФЖ: Недовршена револуција – сеќавање на минатото, замислување на иднината“. Настанот се надоврзува на практиките за одбележување на јубилеите на АФЖ низ дискурсот на претставници од релевантните институции и научната јавност, кои кулминирале во 1970-те години, за по 1990-те години да исчезне од јавноста. Тркалезната маса има за цел да собере домашни и регионални експерт(к)и, со искуство од областа на женската историја, односно феминистичкиот активизам, кои низ отворена дискусија ќе ги артикулираат прашањата поврзани со политиките на сеќавање/заборав, третманот на антифашистичките идеи и историски искуства во современиот контекст, женската историја во јавниот простор и значењата на комплексното наследство на АФЖ. Дискусијата ќе ја модерира Ана Василева, а меѓу говорничките ќе бидат Мања Величковска, Јана Коцевска, Ивана Хаџиевска и други. Тркалезната маса е простор отворен за претставнци/чки од научните, образовните институции, како и од граѓанската сфера и медиумите, а тие ќе имаат можност да се надоврзат на дискусијата.
Проектот „Архиви на невидливите 3.0 – Интердисциплинарен пристап: Истражување, пишување и подготвување изложба во практикување култура на сеќавање за жените учеснички во НОБ – по повод 80 години од формирањето на АФЖ на Македонија (1944-2024)“ е реализиран со поддршка на Фондацијата Хајнрих Бел и Министерството за култура на Република Северна Македонија.
пренесено од https://www.kcb.org.rs/2024/02/predstavljanje-zbornika-arhivi-nevidljivih-makedonka-glasilo-afz-a-1944-1952-istorijska-iskustva-i-kulturno-pamcenje/

Архиви на невидливите е истражувачки проект на Македонскиот центар за истражување на национализмот и културата (ЦИНИК) чија цел е да ги систематизира и анализира изворите кои претставуваат поширока слика за застапеноста на жената во наративите на македонското минато, надвор од стереотипните имаголошки претстави. Во текот на 2022 година се реализираше проектот „Архива на невидливите 02“, посветен на истражувањето на првото македонско женско списание „Македонка“. Истражувањето резултираше со објавување на збирка научни трудови Архиви на невидливите: Македонки - Билтен на АФЖ (1944-1952), историски искуства и културна меморија, уредена од Ивана Хаџиевска и Јана Коцевска.
Збирката се занимава со историјата и тековите на женската еманципација во рамките на социјалистичкиот проект по Втората светска војна, како и историските искуства од процесот на еманципација во културната меморија во главните наративи на македонското општество и содржи тематски и критички приоди кон историја на списанието од тим од пет истражувачи: Ивана Хаџиевска (политичка историја), Јана Коцевска (социјални аспекти), Дарко Лајтнер-Стојанов (процес на еманципација), Мања Величковска (книжевни аспекти) и Христина Иваноска (уметничко истражување). Предговорот на збирката го напиша д-р Ивана Пантелиќ (Институт за современа историја на Србија, Белград), а поговорот д-р Јелена Милинковиќ (Институт за литература и уметност, Белград).
За колекцијата зборуваат Јана Коцевска и Мања Величковска Модерација: Јелена Ниџовиќ
Програмата ќе се одржи во галеријата Podroom.
На покана на ФорумЗФД – Скопје (Forum Civil Peace Service – North Macedonia), Јана Коцевска и Христина Иваноска беа дел од поткастот “Dealing with the Past: Gender Perspectives“. Разговорот беше модериран од Сара Миленковска. Во оваа епизода на DwP поткастот, говорничките дискутираа на теми поврзани со родовите аспекти на политиките на сеќавање во македонското општество, како и положбата на женската историја во современиот момент и нејзините значења во социо-политичкиот дискурс на современоста. Проектот „Архиви на невидливте“, чии соработнички се гостинките во поткастот, го привлече вниманието на пошироката публика и ги отвори прашањата за важноста на спроведувањето истражувања на извори од женската историја, потенцијалите на нивната дигитална достапност и нивната положба во научните институции, јавната историја и културата.
Јана Коцевска е ко-авторка на проектот „Архиви на невидливите“; Христина Иваноска е уметница и авторка на уметничкото истражување во рамки работата на публикацијата „Архиви на невидливите: Македонка – Орган на АФЖ (1944-1952): историски искуства и културна меморија“.
На 20 мај, во социјално-културниот центар Šesnaestica во Загреб, беше претставена книгата „Македонка – Орган на АФЖ (1944-1952): историски искуства и културна меморија“. Разговорот за книгата, со уредничките Јана Коцевска и Ивана Хаџиевска, беше дел од програмата на 17. издание на интернационалниот фестивал за феминистичка култура VoxFeminae festival (2023). Разговорот со уредничките го водеше Tihana Bertrek.








Ова е прво претставување на резултатите од истражувањето надвор од домашните граници, со што претставува важен момент за споделување на знаењата и искуствата од прокетот „Архиви на невидливите“ на регионалната мапа на истражувања за историјата на женската историја во регионот.
Интерес за настанот покажаа и регионалните медиуми, а особено беше проследен во неделникот Novosti.


Учеството на македонската делегација на собирот за одбележување 80 години од создавањето на АФЖ, 6-7 декември 2022, Босански Петровац/Бихаќ
Регионалниот настан за одбележување на 80 години од основањето на АФЖ беше инициран од феминистичките колективи од просторот на поранешна Југославија. Настанот беше организиран од Женската платформа за развој на Србија, со поддршка на фондацијата Фридрих Еберт (регионални канцеларии во Сараево и Белград). Во рамки на одбележувањето на 80 години од АФЖ се собраа повеќе од 100 делегатки од сите поранешни републики и покраини: активистки, потомци, современички, АФЖ-овки, партизанки, научнички, политичарки на социјдемократските партии и левичарските движења, новинарки и други жени со општествен ангажман. Одбележувањето беше организирано низ два настани, Свечена академија во Босански Петровац и Конференција во Бихаќ, тематски посветена на сеќавањето и современите пракси на женска борба против фашизмот, а поврзани со историјата на АФЖ.
Македонската делегација беше составена од 10 учеснички: Савка Тодоровска, Ена Бендевска, Јана Коцевска, Салиа Бекир Халим – граѓански активистки за женски права, Цветанка Иванова, Соња Мираковска, Санаела Шкриељ, Ана Андова – парламентарки, Елена Јованова-Грујовска – потпретседателка на Главниот одбор на СБМ од НОАВМ и Ивана Хаџиевска – историчарка. На Свечената академија излагање имаше Ивана Хаџиевска. Сите делегатки зедоа активно учество на конференцијата, на сесии поврзани со женското движење на просторот на Југославија во минатото и денес, како и потребата од градење на широка регионална женска антифашистичка платформа во сегашноста.
Видео снимка од Свечената академија може да се погледне на овој линк: https://fb.watch/hk2EOz6qnd/
Фотографии од настанот може да се најдат на следниот линк: https://www.facebook.com/palic2014 и https://www.facebook.com/photo?fbid=153014130814251&set=pcb.153014410814223

Реферат изложен на свечената академија по повод 80 години од основањето на АФЖ, 6 декември 2022, Босански Петровац
Ивана Хаџиевска
Простата и строга историска нарација на жените во 20 век е „исткаена“ од две нитки: на трудот и војните. Масовното вработување во индустриското производство, двете светски војни и комунистичката револуција неповратно ги промениле социјалните улоги во приватниот и јавниот простор. Во политичкиот простор, женските движења за рамноправност и економска еманципација изградиле идеолошки платформи што се испреплетувале со националната и државната изградба во 20 век. Учеството на женско население во револуционерните, националните и герилските движења за време на Втората светска војна ги претставуваат основните полигони на женското учество во создавањето на политичката историја на светот, а истовремено претставуваат и фасцинантна приказна за човечката борба и потреба за цивилизациски скок напред.

И жените од Македонија низ организираното антифашистичко движење „станале дел од историјата“. Тој процес се финализирал за време на Втората светска војна. Во обемната документациска збирка од 1976 година за учеството на жените во НОБ се наоѓаат 5.752 биографски белешки на партизанки; 141 жена од Македонија го носи признанието „Партизанска споменица 1941“; и 7 жени се прогласени за народни херои: Мара Нацева, Оливера Јоциќ-Вера, Ибе Паликуќа, Естреја Овадија-Мара, Елпида Караманди, Вера Ацева, Фана Кочовска.
Ја спомнав документацијата и историските извори кои ја документираат оваа важна човечка повест. А за важноста на документите и изворите од историјата на жените на постјугословенскиот простор, како и за опасноста и последиците од губењето на архивите на женското живеено искуство, би сакала да споделам со вас еден пример од нашето современо искуство како активистки, историчарки на нашата заедница и хроничарки на минатите и современите борби. Во тој контекст, Ништо не ја сумира состојбата на терен, состојбата во нашите институции и училишта подобро од положбата документите создавани од и за општествената работа на АФЖ, т.е. состојбата на нивна заборавеност на нивно бледнеење во челуста на заборавот.
Во текот на изминатата година, заедно со македонска активистка Јана Коцевска започнавме еден обемен истражувачки и активистички процес посветен на сеќавањето и историјата на првото македонско женско списание „Македонка – Орган на АФЖ“. Искуствата од таа наша работа, особено нивната последица во просторот на политиките на сеќавање, сметам дека е важно да ги споделам тука.
Како историски извор, овој печат бил дел од изворите на научната литература од младата македонска историографија, во форма на објавени архивски колекции, што по првпат ја демистифицирале сликата за македонската жена како безличен и безимен дел од историјата. Пошироката цел била жените конечно да се изнесат на челото на националната историографија, како еднакви учесници во создавањето на државноста – цврста гаранција за иднината на нивните политички, социјални и економски права стекнати во блиското минато. Јазикот на АФЖ во списанието, на кој зборувале и пишувале за политичката вклученост на жените бил составен од неколку формули: „политичко издигнување“, „рамноправие“, „еманципација“, „ослободување на жената“, „тргање на мракот од очите“ и „хуманизација на односите меѓу половите“.
Кога се соочуваме со извор од историјата на АФЖ, од една страна преплавени сме од епистемолошките и културолошките потенцијали, Но, веднаш штом му пристапиме на изворот од истражувачки аспект, како главна потреба се јавува пополнувањето на празнините поврзани со конкретните услови, контекст и мрежа на личности кои биле вклучени во реализацијата на оваа важна документација. Состојбата на „фактографски дефицит“, т.е. недостатокот на поширок историографски полигон на кој би се изведувала теоретска артикулација на секоја понатамошна критичка анализа, јасно упатува дека списанијата, архивите и друго наследство до истроијата на АФЖ, денес првенствено претставува извор обвиен во заборав. Затоа, првото прашање што си го поставивме при преиспитувањето на положбата на списанието „Македонка“, како и во политиките на сеќавање, беше: зошто не постои интерес, во рамките на националните институции, за ретките остатоци од историјата на жените, каде што критичкиот пристап и родовата перспектива би се сметале за продуктивни? Краткиот преглед на главните одлики на застапеноста на списанието „Македонка“ во официјалниот наратив, како и во културата на сеќавање, може да ни биде од помош при давањето одговор.
Имено, уште во 1952 година АФЖ на Југославија и организацијата-наследник – СДЖ на Југославија, на централно и локално ниво почнале со создавање сопствен архив. Станувало збор за одлука да се почне со собирање документација, извори, сведоштва и мемоарски документи за учеството на жените во НОБ. Овој материјал подоцна требало архивски да се систематизира, но и од него да произлезат стручни монографии. На републичко ниво, во Македонија тој процес почнал дури во 1963 година од вработените во Институтот за национална историја и завршил во 1976 година, со издавањето на Зборникот документи на авторките Вера Весковиќ-Вангели и Марија Јовановиќ. До крајот на 20 век, оваа документација се користела како извор во научна и во комеморативна функција во формализираната социјалистичка култура на сеќавање.
По промената на системот во 1991 година, почнува заборавот на списанието во двојна смисла: и како дел од културата на периодика и како историски извор. Би можело да се каже дека споменот за списанието егзистирал во мнемониски ќошиња, како организациите кои произлегле од Сојузот на борци од НОБ како одржувачи на антифашистичката традиција; или во работата на поединци истражувачи од академското милје. Оваа криза на женскиот архив во постјугословенските општества посочува кон заклучокот дека исклучувањето на жените од сферата на моќ и (политички релевантните) знаења е најдобар доказ за автократска, контроверзна, недовршена модернизација. Всушност, една поразителна последица од заборавот во овој случај е губењето на врската помеѓу вредностите на АФЖ од политичка, културолошка и економска природа, со современите концепти за родовата еднаковост. Денес се почесто патот на еманципација на жените „се зема здраво за готово“, т.е. се заборава на потчовечката положба на жените пред само еден век. Тука мора целосно да се согласиме со идејата дека историското паметење е предуслов за креирање стратегии за општествени промени во сегашниот момент.
На крајот од нашата работа со важните извори за АФЖ на републичко и локално Македонско ниво, произлезе вреден зборник академски текстови, прв по 1970-те години, како и остварување на нашите напори за дигитална и слободна достапност на овој важен извор. Ние како активистки и како професионалци од областа на релевантните науки, мора да пристапиме кон една широка активност за поттикнување на институциите задолжени за чување на ова архивско наследство кон решавање на проблемите со заборавот. Притоа мора да бараме пристап кој го истакнува најважниот аспект на ова наследтсво: неговата центрираност на женското живеено искуство кое нуди поинакви наративи во нашите општества, често отруени со национализам и реакција на паланечките пракси. Со конзервирање на женското живеено искуство, создаваме „женски архив“, каде што се одвива константно потсетување на заедницата за неговиот значај.
И на крајот другарки, барањата за рамноправност често значат и предизвикување на воспоставените хиерархии. Така, додека формите на феминизмот и неговите делувања постојано се менуваат и напредуваат, реакцијата останува иста и може да се спореди со онаа од 19 век, со онаа од средината на 20 век и со таа од пред 10 години. Станува збор за мрзелив, популистички и квазиегалитарен сентимент дека „феминизмот не е за сиромашни држави“, дека ние сѐ уште „не сме на тоа ниво да се занимаваме со родови аспекти“ и сл. Она што јас го согледувам од историска перспектива е дека феминизмот кај нас има развиено една многу значајна функција за напредок на општеството, а тоа е воспоставување практика дека борбите се водат истовремено и на повеќе фронтови, за различни групи поединци и заедници. А токму таа точка од развојот на феминизмот во нашите општества води директно до работата и праксите на АФЖ.


Центарот за истражување на национализмот и културата е формиран се цел да понуди дополнителен интелектуален простор и експертиза во полето на студиите на национализмот, во општество каде ова поле се соочува со недостаток на научно внимание и институционална поддршка.